Роденденска Чистка со За Почиста Македонија

Посебно сме горди на акцијата од минатиов викенд. Преку 30 пријавени луѓе придонесоа да се соберат околу 50 црни ќеси за ѓубре и полигонот да добие нормален лик.

Со зајдисонце, добра енергија и чил музика фино лепо испративме килограми и килограми ѓубре да си одат таму кај што треба.

Како и секогаш, голема мотивација ни беа случајните минувачи кои го поздравуваа нашиот подвиг, а една мајка со две деца дури дојде да ни се приклучи бидејќи децата сакаа да помогнат и не само што собраа голема количина ѓубре туку и ја одделуваа пластиката во посебна ќеса!

Како за роденденска акција, имавме можност на крајот да се засладиме со торта благодарејќи на кулинарските вештини на Владимир Настовски. Тука беа и Dobra Voda и Red Bull за освежување и енергија.

Сѐ додека има луѓе кои се грижат и имаат желба за подобро утре можна е промена! Патот не е лесен, но го чекориме чекор по чекор. За почиста Македонија!

Собирањето ѓубре е зачудувачки интересна работа. Нешто што би можело да се опише како „oddly satisfying“. Кога за време на чистењето си опкружен и со куп позитивни луѓе желни за активност станува и забавна.

А неизмерно е задоволството кога после завршената работа ќе го погледнеш резултатот за кој директно си придонел. Ни ѓубренце на виделина, прекрасни чисти тревници што дури изгледаат позелени без ѓубрето и огромен куп полни црни ќеси спремни за носење.

На акциите секогаш има по некој нов човек така што дружбата и запознавањето нови луѓе се веќе составен дел од секоја чистка. Добра прилика е и за вежбање на англискиот бидејќи секогаш има присутни луѓе од други земји.

Повелете на нашата следна акција на 8 Август за која допрва треба да се избере локација. Ги чекаме вашите предлози.

Не барајте човек за пример. Бидете примерот.